Главна банда

КИКИ

12 години, од Скопје

Хороскопски знак: близнаци

Омилен предмет во училиште: Математика и Општествени науки

Омилена песна од “Дајте Музика”: “Обичен необичен ден” во изведба на Каролина.

Позната изрека во серијалот: „Почитувајте ги возрасните, особено оние околу вас кои многумина и не ги забележуваат!„

Што сака да биде кога ќе порасне: Кики сака да биде инженер. Каков инженер сè уште не се знае, но овој свет чека да биде изграден и поправен од мали, нежни, женски раце.

Кој е нејзиниот талент? Мора да признаеме дека и актерството не ѝ бега. За себе сметала дека е целосен антиталент за пеење, се дури не стана дел од „Дајте музика“ кога не убеди сите дека има ангелски глас.

Милениче? Сите ѝ веруваме во бескрајната љубов кон животните. На своја кожа и на свое влакно и пердувче, тоа секојдневно го чувствуваат померијанецот Фан и папагалот Траки.

Како го поминува слободното време? Кики со задоволство ја следи македонската ракометна репрезентација за која гордо навива со целото свое семејство. Кога не учи математика, или пак кога не чита (ги обожава авантурите на Мери Попинс), Кики работи на таен проект: за да ги обедини своите три најголеми хобија, возење ховерборд, вежбање карате и играње хип- хоп. Баш би сакале да видиме како ќе изгледа тоа. Иии… камерата ни е подготвена!

П.С. Фиби ѝ е омилен лик во серијата „Пријатели“

ФИЛИП

12 години, од Скопје

Хороскопски знак: Лав

Омилен предмет во училиште: Математика

Омилена песна од “Дајте Музика”: “Бели цветови” во изведба на Кики и Анастасија.
Позната изрека во серијалот: „Треба да се прави разлика меѓу вистинските другари и оние невидливите на интеренет!„

Што сака да биде кога ќе порасне: Филип има големи желби. Тој посакува по неколку сезони „Дајте музика“ да има и филм со истата екипа. Сигурен е дека неговиот омилен актер Том Холанд нема да му се лути што „Дајте музика“ ќе биде попопуларен и од филмовите за „Авенџерс“.

Како го поминува слободното време? Вели дека е среќен што и да прави, ако тоа го прави со другарите. Филип вели дека би сакал да го истражи сиот подводен свет, но додека не се случи тоа, посетите на големите аквариуми низ светот се убава замена. Обожава да гледа филмови и слуша музика. Омилен филм му е „E.T. вонземјанинот“ , а на “рипит” му се „Нирвана“ и Дејвид Боуви.

Кој е неговиот талент? Филип одлично свири на акустична гитара, има неверојатен талент за глума и за пеење, игра кошарка, вози скирол и многу добро црта. Одлучен е да создаде нов стрип- јунак кој би бил пандан на хероите на Марвел.

Милениче? Му недостасува некогашното милениче, папагалчето Кики, но веќе е во преговори да посвои некое улично куче или маче со кое ќе станат најдобри другари.

Омилено јадење? Не може да одлучи дали е посреќен кога јаде мексиканска или кинеска храна. При решавањето на дилемата, обично победуваат шницлите на баба!

АНАСТАСИЈА ака НАТАША

Хороскопски знак: Овен

12 години, од Скопје

Омилен предмет во училиште: Македонски јазик и Природни науки.

Омилена песна од “Дајте Музика”: телефонот ѝ ѕвони на најгласно со „химната на новата генерација“, насловната песна “Дајте музика”.

Позната изрека во серијалот: „Ние децата знаеме да се извлечеме од многу ситуации со различни ситни лаги. Но родителите секогаш успеваат да нѐ прочитаат! Сигурно на лагата навистина ѝ се кратки нозете, нели?„

Што сака да биде кога ќе порасне? Стаси е уметник во душа. Ако ја прашате, ќе ви каже дека би поминала цел ден украсувајќи, цртајќи и правејќи предмети од керамика. Кога би можела да направи една скулптура, таа сигурно би го овековечила моментот кога Јован паднал врз шаторот на сред снимање на „Дајте музика“, при тоа продолжувајќи да ја кажува својата реплика.

Како го поминува слободното време? Се лути ако ја прекинат додека ја слуша Дуа Липа. Тоа е едноставно недозволиво! Го сака читањето, а омилени осум книги ѝ се сите осум делови на „Дневникот на едно смотано девојче“. Ужива да го гледа по стоти пат „Ѓаволот носи Прада“ и покрај тоа што, за чудо, ѓаволот не се појавува во филмот.
Кој е нејзиниот талент? Дефинитивно глумата, пеењето и танцувањето.

Милениче? Би прифатила еден вонреден одмор на некое убаво море, заедно со нејзиното милениче, желчето Тори, кое многу сака да се гали и со кого целосно се разбираат.

Омилено јадење? Би појадувала, ручала и вечерала топло-ладен колач

Тео

12 години, од Скопје

Хороскопски знак: јарец

Омилен предмет во училиште: Историја

Омилена песна од “Дајте музика”: “Макс Мастермајнд”, во изведба на Јован.

Позната изрека во серијалот: „Љубовта, храната и љубовта кон храната за мене се најважните нешта во животот!„

Што сака да биде кога ќе порасне? Тео веќе е во професијата во која сака да биде и кога ќе порасне – актерството. Вели дека „Дајте музика“ е најдоброто место за наоѓање истомисленици и нови другари.

Најголема желба: да има многу повеќе деца во неговото маало, за да си играат заедно.

Милениче? Милениче нема, но затоа одлично прави жапчиња од хартија, па дури знае да и да плива во стилот „жаба“!

Како го поминува слободното време? Кога е дома, наместо во маало, ужива да ја чита „Diary of a Wimpy Kid“ и да навива за Максимус во „Гладијатор“ .

Кој е неговиот талент? Освен што е многу добар актер, благодарене на Дајте музика сфати и дека е добар пејач.

Омилено јадење: до немај каде ги сака тестенините и сонува да изеде добра порција шпагети, но на Хаваи. Паметна идеја, нели?

П.С. Ако не може на Хаваи, може и на Бали. Веројатно, промената на дестинацијата нема да го налути!

Саша

9 години, од Скопје 

Хороскопски знак: вага

Омилен предмет во училиште: Математика

Омилена песна од “Дајте Музика”: “Јутубери” во изведба на Анастасија (Наташа)

Позната изрека во серијалот: „За ништо на светот нема да го заменам другарството!„

Што сака да биде кога ќе порасне? Саша има свои планови. Во блиска иднина сака да биде пијанистка, а во онаа далечната сака да отпатува во вселената и да ги види ѕвездите. Веројатно веќе е во преговори со Елон Маск за таа работа. Можеби затоа „Авенџерси“ се редовно на нејзиниот репертоар.

Како го поминува слободното време? Сака да поминува што е можно повеќе време во забавување со старите другарчиња, да запознава нови, да пее, да црта и да танцува. Се одмара со „Исидора Мун“. Вселената не е единствената омилена дестинација на Саша. Таа би шетала блиску и далеку, а без двоумење веднаш би отпатувала во Сандански, соседна Бугарија.

Кој е нејзиниот талент? Свири на пијано, пее, глуми и одлично танцува на своите омилени хитови од серијалот.

Милениче? Милениче за сега нема, но веќе е впуштена во потрага да си најде сродна душичка.

Омилено јадење? Ако ви дојде на гости, задолжително имајте риба за ручек!

ЈОВАН

13 години, од Скопје

Хороскопски знак: Шкорпија

Омилен предмет во училиште: Математика, Биологија, Музичко

Омилена песна од “Дајте Музика”: Насловната песна на Дајте музика

Позната изрека во серијалот: „Музиката може да биде и временска машина, да ве одведе во друго време, на друго место. Сакајте ја музиката! Но… онаа вистинската!„

Што сака да биде кога ќе порасне? Јован веќе знае дека, кога ќе порасне, сака да се занимава со уметност. А, до тогаш тој планира да го прошета светот. Веќе добро ги запознал Лондон, Прага и Барселона, но сака да ја види во живо и магијата на скандинавските земји. Не сака да признае, но тој потајно се надева дека токму таму ќе го пронајде седиштето на Дедо Мраз. Но, ова е строга тајна!

Милениче? Во оваа мисија ќе му помогне неговиот златен ретривер Аксл, за кого знаеме многу малку. Некои шпекулираат дека во младоста Аксл бил дел од позната рок група.

Како го поминува слободното време? Играјќи старски игри (џамлии, долга магарица, народна…) пред зграда со другарите. Ужива да гледа и цртани филмови како што е „Немо“, а некако најубаво му доаѓа кога тоа го прави заедно со родителите и со својата помала сестра.

Кој е неговиот талент? Јован не сака да се фали, но неговите другари велат дека свири гитара исто добро како Џими Хендрикс. Играорец е со долга кариера и професионален сонувач кој за ѕвездите учи токму од Стивен Хокинг. А, и да не заборавиме, Јован е одличен актер!

Омилено јадење? Не може без сармите на мама!

БОНО

13 години , од Скопје

Хороскопски знак: Лав

Омилен предмет во училиште: Математика, Ликовно и Музичко

Омилена песна од Дајте Музика: ,,Пријател,, во изведба на Старо маало бенд

Позната изрека од серијалот:,, А некои лажат зашто сакаат да се претстават дека се нешто што не се срамејќи се од она што се,,

Што сака да биде кога ќе порасне: Сака да биде познат гитарист (ништо помалку од Влатко Стефановски не прифаќа ) или пак програмер (има желба да направи стратешка игра)

Милениче: Таа желба сеуште му е неоставрена инаку сака лабрадор со кој ќе шета по околните шумски предели

Како го поминува слободното време: Кога нема обврски со училиштето свири на гитара, сака да вози велосипед со другарите и обожува да игра маалски фудбал, сака да игра и игрици најмногу COD Warzone, FORTNITE и GTA 5

Кој е неговиот талент: Актерството за кое посетува часови веќе 5 години и му е прва љубов. и гитарата, талент кој го откри баш во ,,Дајте музика,,

Омилено јадење: Сака секаков вид на тестенини особено шпагети со болоњезе, би ги јадел сите денови од неделата без никаков проблем