Физичка активност по години

ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ ГО ДИКТИРА ПРАВИЛНИОТ РАЗВОЈ КАЈ ДЕЦАТА

На секои 60 минути поминати пред ‘смарт екран’, децата треба да исполнат и 60-минутна норма на умерена физичка активност, децидни се психотерапевтите. Препораките за активно детство одат дотаму што педијатрите советуваат нивно практикување дури и кај новородените, преку активности за развој на моторичките способности.

„Неопходно е најпрво да разграничиме дека сосема погрешна е тезата која физичката активност ја вреднува во единица мерка километри, или пак задолжително ја поистоветува со некаква спортска дисциплина. Активната игра на децата, ползењето, па дури и лежењето на стомак кај новороденчињата, се вбројуваат во редот физички активности адаптирани според возраста на оние кои ги практикуваат. Со текот на растот и развојот кај детето, некаде после 5-тата година, се јавува и потреба од класично спортување“, велат истражувачите кои низ научна призма го следат детскиот раст од најрана возраст, па сé до тинејџерски години.

Неонатолозите препорачуваат наменска физичка активност кај новороденчињата, па така листата на препораки за активен живот од денот на раѓањето. Во возрасната категорија од 3-12 месеци, се вклучени активности од типот на оставање на бебето во положба легнато на стомак, а со текот на времето и игри на под, вклучувајќи го овде ползењето, а подоцна и обидите за исправување и проодување. Ваквите физички активности, советуваат неонатолозите, треба да се одвиваат во неколку интервали во текот на денот, во вкупно времетраење од 30-тина минути.

Кај бебињата на возраст од 1-2 години, се препорачуваат забавни и активности кои ќе ги охрабрат да истражуваат и да откриваат нови работи и сознанија. На оваа возраст, најдобро е преку игра да се совладуваат моторните вештини (исправување, стоење, одење), како и когнитивните способности (перцепција, меморија, задржување на вниманието).

Кај децата на предучилишна возраст, 3-4 години, постепено се преминува кон 60 минути ефективно-енергетска игра, која после 5-тата година преминува во активен спорт. Децата на оваа возраст сé уште не знаат да се движат во граници на некакви пропишани правила, па затоа не се препорачува организирано занимавање со спорт до 4-годишна возраст. Подавање со топка, скокање на трамболина, пливање или игри во вода, се одличен начин за практикување физичка активност кај оваа возрасна категорија.

Децата на возраст 5-9 години веќе треба да имаат востановена рутина која подразбира ефективна, но умерена физичка активност во времетраење од 60 минути, три пати во неделата. На оваа возраст веќе се препорачуваат организирани спортски активности, кои ќе ја зацврстат самодисциплината кај децата во развој, но и активности кои придонесуваат за зајакнување на мускулите, процес клучен во овој период од детскиот развој. Дури после 8-мата година, децата почнуваат правилно да ги резонираат правилата на игра, но и натпреварувачкиот дух на спортските дисциплини, кој понатаму овозможува развивање на позитивни карактерни особини кај детето. Иако изборот на соодветен спорт најчесто се сведува на индивидуален пристап, сепак спортови кои се препорачуваат за деца на оваа возраст, се: гимнастика за девојчиња, фудбал за момчиња, како и пливање, карате и одбојка за двата пола. Пешачењето се потенцира како одлична физичка активност во оваа возраст.

СПОРТОТ Е МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Физијатрите нотираат драстично зголемен број на нарушувања во телесниот развој кај најмладата популација, конкретно во делот на коскено-зглобно-мускулниот систем, кои најчесто се манифестираат како деформитет на ‘рбетот.
„Денес постои значителен процент на деца кои немаат никаква физичка активност во текот на денот. Под ‘играње’, днешниве генерации подразбираат нешто поврзано со компјутер, лаптоп, телефон или друг електронски уред. Факторот исхрана дополнително ја отежнува статистиката во овој дел, нотирајќи тренд на консумирање ‘брза храна’ која не го задоволува дневниот внес на потребните енергетски состојки кои се многу важни за правилен раст и развој на детскиот организам“, велат физијатрите.
Околу дилемите при избор на најсоодветен спорт, особено пред првото зачекорување на децата на спортските терени, професионалните спортски работници препорачуваат ненаметлив пристап од страна на родителот.

Додека детето да се пронајде во маргините на некоја спортска дисциплина, воопшто не е на одмет да се пробаат повеќе спортови. Битно е после 5-годишна возраст да се задоволуваат препорачаните дневни потреби за физичка активност и притоа истата да се изведува правилно и да биде ефективна. Спортските тренинзи сами по себе играат голема улога како во одржување на физичката, така и на менталната кондиција. Преку спортот децата учат да градат и доверба, започнуваат да имаат смисла за тимска работа, учат како да би самодоверба, но и меѓусебна доверба, да функционираат во тим и да бидат дисциплинирани. Современиот спортски менаџмент ги учи децата и како треба да изгледа движењето низ една хиерархиска скала и почитувањето авторитет. Ова се многу битни сегенти од психо-физичкиот развој на секое дете“, објаснува Дарко Митев, професор по физичка култура.

Недоволната физичка активност има директно влијание и врз останатите процеси на организмот, како на пример спиењето. Секој 1 час во денот поминат во седечка положба, кај децата резултира со пролонгирано заспивање за 3 минути.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Емпатија

БЕЗ ЕМПАТИЈА НЕМА ЗДРАВИ ВРСКИ И ИСПОЛНЕТ СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ Колку пати сме рекле или сме слушнале