Емпатија

БЕЗ ЕМПАТИЈА НЕМА ЗДРАВИ ВРСКИ И ИСПОЛНЕТ СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ

Колку пати сме рекле или сме слушнале некој да каже „Имам јас свои грижи, не можам да мислам и на туѓите…“? Да, живееме во време кога не е лесно да се издвои момент за туѓите чувства, но од друга страна, многу пати самите сме во ситуација да сакаме да споделиме некој проблем или грижа кои ни тежат. Кога би сфатиле колку е важно да сослушаме и упатиме добар збор, би разбрале колку е емпатијата важна да се развива во текот на животот и од најмали нозе. Психолозите емпатијата ја сметаат за една од основните емоции што сочинуваат морално расудување и вештина која е исклучително важна за здрав емоционален и морален развој. Освен способноста за разбирање на нечии чувства, емпатијата е и способност да се почитуваат и вреднуваат чувствата на другите и претставува предуслов за развој на љубов и пријателство, а воедно и спротивност на агресивно однесување. Затоа, од посебна важност е децата да научат што значи да бидат емпатични и како тоа позитивно влијае врз луѓето.

УЧЕЊЕ ЕМПАТИЈА

Еден од најефикасните начини за учење емпатија, е емпатично однесување на родителите. Иако е најдобро да се започне од рана возраст, никогаш не е доцна за почеток. Доенчињата и малите деца најмногу учат од начинот на кој родителите со нив постапуваат кога се вознемирени или уплашени. Иако понекогаш е тешко да се биде трпелив со мали деца, важно е да се остане смирен во ситуации кога детето се однесува непожелно, велат експертите.
Ако детето направи нешто неправилно, не треба да му викате или да го тепате, бидејќи така ги учите дека викањето и удирањето е начин за управување со емоциите и тоа може да го прават на други деца. Начинот на кој родителите ја покажуваат својата емпатија е многу поважен од зборовите кои ги говорат. Во предучилишна возраст, детето веќе може да почне да разговара и да разбира како другите се чувствуваат. Родителските маки честопати предизвикуваат недостаток на емпатија кај адолесцентите (12- 13 години). Од развојна перспектива, детето мора да се одвои од своето семејство за успешно да влезе во адолесценцијата и да го изгради својот личен идентитет, односно да гради односи со луѓе надвор од сопственото семејство. Во тој процес децата честопати стануваат ориентирани кон себе и им се забележува дека се себични.
Чест пример за изразување на оваа развојно нормална фаза на одвојување, е недостаток на емпатија на постаро дете кон помладите браќа, сестри или други членови на семејството. Важно е да се знае дека фокусот на адолесценцијата „се врти“ кон различни луѓе и групи надвор од семејството, така што откако тој или таа го формира својот идентитет надвор од семејството, ќе исчезне потребата за „омаловажување“ на членовите на семејството. Како родител, важно е да знаете дека станува збор за нормална развојна фаза на адолесцентите, но и да му помогнете да ја интегрира емпатијата во својот нормален раст и развој.

ПРИМЕР ОД ДАНЦИТЕ КАКО ЕДНИ ОД НАЈСРЕЌНИТЕ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ

Без емпатија нема здрави и исполнети врски и социјален живот. Оној кој не може да се стави во туѓите чевли или не ја чувствува емоцијата и енергијата на другите луѓе, тешко ќе покаже разбирање, сочувство, приврзаност, потреба да помогне, да слуша, да пружи поддршка, ниту пак ќе знае да прими нежност и љубов од другите луѓе. Ако се чувствуваме сакано, прифатено, сигурно, спокојно и опуштено во друштво, со еден збор се чувствуваме среќно.
Данците со години се наоѓаат на врвот на листата на најзадоволни, најсреќни и најисполнети луѓе, па добро е да знаеме што тие прават како нација за да владеат со овие чувства. Во данскиот образовен систем учењето емпатија се смета подеднакво вредно како и учењето на други предмети и затоа е составен дел од наставниот план од градинка до крајот на средното училиште. Данците сериозно ги сфатиле резултатите од бројни студии кои покажуваат дека емпатијата ги прави децата емоционално и социјално покомпетентни и значително го намалува насилството меѓу врсниците. Исто така стануваат успешни и продуктивни луѓе. Студиите од два престижни универзитети Duke и Pennsylvania University, следеле 750 поединци 20 години. Оние кои уште во градинка знаеле да делат и помагаат на други деца, повеќето матурирале, се запишувале на факултет и наоѓале постојана работа. Другите кои покажувале мала социјална прилагодливост, често отсуствувале од настава, завршувале во затвори и останувале без работа.
Во наставната програма вклучен е „Klassen Time“, во превод „Час за класот“. Децата во оваа програма се вклучуваат уште во претшколска возраст на шест години, а го посетуваат овој час се додека не наполнат 16 години. „Klassen Time“ се оддржува еден ден во неделата и трае еден час. Сите деца од класот се собираат во посебно уредена училна за опуштање. Седат на перници, лежат на килими и опуштено разговараат. За време на тој час секој има право да говори за проблемот што го мачи. Разговараат за проблеми што може да настанат меѓу ученици, учители, деца кои биле груби, материјал што не го разбираат. Но, децата може да говорат и за теми кои не се поврзани со училиште. Разговараат за медиумите и вестите кои ги плашат, развод на родители, домашни миленици, промени кои им се случуваат во семејството, сето она што им оптеретува мислите и делува врз нивните емоции. Наставникот потоа им дозволува на децата да коментираат и сите заедно како група предложуваат решенија. На тој начин сите деца се ставаат во туѓата кожа и активно нудат помош на оној кому му е потребна.
Ако во класот нема никакви проблеми и сериозни теми за кои би разговарале, децата едноставно лежат, молчат, одмораат, фантазираат, уживаат. Праксата покажува дека децата најмногу говорат за проблемите со врсниците, а најважно е меѓусебното сослушување.

ПОТТИКНУВАЊЕ ЕМПАТИЈА

Покажете му на детето дека сочувствувате со него. Малите деца сакаат да чувствуваат дека некој е сочувствителен кон нив. Истражувањата покажуваат дека родителството со вклучена емпатија и грижа поттикнува здрав емотивен развој. Бидете добар пример. Децата се најдобри имитатори и многу веројатно ќе ги третираат луѓето во својата околина онака како што вие постапувате. Кога ќе забележите први знаци на емпатија, пофалете го вашето дете. Објаснете му едноставно и јасно како другите луѓе се чувствуваат кога се повредени или тажни. Не очекувајте дека во секоја ситуација детето ќе биде емпатично. Малите деца сѐ уште учат што се емоции и како луѓето функционираат заедно.
Развивањето на емпатија е есенцијално градиво во способноста на детето да ги регулира своите емоции и е значајно за да може да се прилагоди и да успее во постојано менување на светот.

Facebook
Twitter
LinkedIn