Децата што растат со милениче се поздрави

Поседувањето домашно милениче ја намалува склоноста кон гојазност кај децата, го забрзува нивниот ментален развој и ги прави поодговорни личности, покажува неодамнешно истражување на Лондонскиот универзитет. Над 25% од испитаниците во Велика Британија, чија база вклучува 4.000 родители, се изјасниле дека забележале подобрување во однесувањето на нивните деца, само неколку месеци по земањето милениче дома. Две третини од родителите на деца со проблематично поведение пак, истакнале дека „експериментот“ со донесувањето нов член во во домот, позитивните промени во однесувањето биле очигледни. Тоа, објаснуваат, се должи на безусловната поддршка што таквото дете ја добива од своето милениче (најчесто куче), додека претходно постојано било изложено на критики од најблиската околина. Интересен е и фактот дека секој десетти испитаник забележал подобрен успех во училиштето кај децата на кои им била отстапена одговорноста да се грижат за своето милениче. Придобивките од првично привременото чување милениче дома, преовладале до тој степен, што над 75% од родителите-испитаници се заложиле за воведување предмет ‘грижа за домашно милениче’ во националната наставна програма.

Развиените светски центри за рехабилитација и модерните пензионерски домови, години наназад практикуваат т.н. ‘терапија со животни’, особено при процес на пребродување трауми и загуба на блиска личност.

Сертифицираниот советник по ветеринарни науки, д-р Меив Муркрофт вели дека една од најголемите придобивки од поседувањето домашно милениче, е силната врска која се развива меѓу него и сопственикот.

„Едноставно, миленичето се претвора во ваша комфор-зона кога сте вознемирени или исплашени. Фактот дека тоа не може да ве задева или да се смее на вашите проблеми, но и сигурноста дека не може да ги издаде вашите тајни, ја прави таа врска дури и посилна од еден меѓучовечки однос“, објаснува д-р Муркрофт.
Праксата во светски рамки покажува дека иако на почетокот мајката во семејството е главен противник на „посвојување“ милениче, откако тоа ќе се вдоми, таа некако „природно“ презема најголем дел од обврските околу истото. Психолозите советуваат дека токму подготвителната фаза за најмладите членови во семејството, е клучна за нивниот однос кон новонастанатата ситуација.

„Многу е важно да разговарате со децата за одговорностите околу имањето домашно милениче, пред истото да го донесете дома. Тие уште на самиот почеток треба да бидат свесни дека не станува збор за нова играчка. Правилната распределба на обврски е клучниот пресврт во менталниот напредок на едно дете во развој“, апелираат психолозите кои работат на оваа проблематика.

Ветеринарите пак, се децидни дека сопствениците на милениче треба да бидат максимално одговорни и да се придржуваат до стручните препораки во делот на грижата за едно животинче. Редовните прегледи, вакцини, правилната исхрана, соодветната нега, хигиенските навики, како и физичката активност, се само дел од обврските кои ги носи миленикот заедно со своето доаѓање во домот.

„Американското здружение за срце“ преку своите истражувања потенцира дека поседувањето домашен миленик е подеднакво добро и за повозрасните членови во семејството. Спроведените анализи покажуваат дека сопствениците на кучиња подобро се носат со стресот, имаат значително подобра физичка активност и пониско ниво на холестерол во крвта, за разлика од оние кои не се грижат за некаков миленик. Потенцирајќи ги предностите од домашно милениче, научниците низ шега велат дека оној кој поседува куче, е посреќен дури и од тој кој поседува златна рипка.

Домашните миленици – можност за социјален напредок кај децата со аутизам

Научните студии покажуваат дека децата со аутизам кои минуваат време со милениче, постигнуваат значителен напредок во социјалната интеракција. Експертите советуваат дека во ваквите случаи најкорисно е децата околу 5-годишна возраст да стапат во контакт со милениче. Во Канада се регистрирани неколку граѓански организации кои развиваат програми за т.н. квалификувани услуги во овој дел, при што дресираат кучиња во насока на подобра интеракција со децата со аутизам или други ментални попречености.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Емпатија

БЕЗ ЕМПАТИЈА НЕМА ЗДРАВИ ВРСКИ И ИСПОЛНЕТ СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ Колку пати сме рекле или сме слушнале